Обрадовиќ: Кога „Чкембари“ ќе се вратат на трибини, во Битола ќе биде „лудница“!

Еурофарм Пелистер за новата сезона го ангажираше српскиот репрезентативец, Немања Обрадовиќ. Искусниот ракометар во Битола ќе пристигне од екипата на Загреб, а претходно настапуваше и за Мешков Брест, Висла Плоцк, Металопластика, Јагодина, Напредак, Валанс, но и за поранешниот шампион на Македонија, Металург.

Во екипата од Автокоманда, Обрадовиќ играше една сезона, 2016/2017. Беше еден од главните носители на играта во Металург, особено во настапите во Лигата на шампионите каде постигна вкупно 52 гола.

Во разговор за „Балкан Хендбол“ новиот ракометар на Еурофарм Пелистер зборуваше за ракометот во Македонија, ситуацијата во неговиот поранешен клуб, Металург, но и идниот клуб, Еурофарм Пелистер, навивачката атмосфера во Битола, конкуренцијата во македонската лига, репрезентативните настапи на неговата селекција, СЕХА лигата и многу теми поврзани со ракометот…

„Каква сезона имав во Металург, јас не сакав да заминам, но со оглед на околностите, логички беше моето заминување. Мене Македонија навистина ми е во срцето, од многу причини, тие се луди по ракометот. Таму видов некои работи кои никогаш не сум ги видел порано, ниту ќе ги видам повторно, пример, таму ракометот се игра и на улица. Македонија има посебно место во моето срце и очекував дека еден ден ќе се вратам. Љубовта на Македонија кон ракометот е навистина неверојатна”.

Конкуренцијата во новата сезона во Македонија за шампионската титула ќе биде поголема. Освен Вардар и Еурофарм Пелистер, во битката за шампионскиот пехар сигурно ќе замеша и Металург. Екипата на Металург во изминатиот период донесе неколку квалитетни засилувања плус ја задржа и својата звезда во тимот, Златко Хорват. Србинот по разговорот со челниците на битолскиот клуб се уверил дека Еурофарм Пелистер е следна дестинација во неговата кариера.

„Искрено, мило ми е за Металург и за играчите кои ги донесе во овој период. Ќе биде интересно во новата сезона. Еурофарм Пелистер прави добар проект веќе неколку години и во разговор со нивниот претседател и тренер, тие не ни планираат да застанат во градењето на тимот, тоа беше и пресудно да потпишам за нив. Не ми требаше многу време да се одлучам бидејќи Македонија е чудо од земја што се однесува до ракометот како спорт”.

Новиот ракометар на Еурофарм Пелистер се надева дека ќе ја почувствува навивачката атмосфера во Битола. Кога беше член на Металург има настапувано во спорската сала „Боро Чурлевски“, сепак истакнува дека сега целиот град дише за Еурофарм Пелистер.

„Бев во Скопје, сега ќе бидам во Битола. Се надевам дека следната сезона ќе има публика на трибините и дека ситуацијата со ковид-19 ќе се стабилизира. Во Битола имаше поделба на навивачите, но сега кога се споија двата клубови во еден, сега е навистина лудница. Играв таму кога имаше навивачи на трибините, но сега ситуацијата е поинаква. Во новата сезона во Еурофарм Пелистер ќе има нови ракометари. Доста интересни имиња доаѓаат. Си заминува Мирко Радовиќ, а не неговото место доаѓа Јосип Божиќ Павлетиќ. Радовиќ и како играч, но и како човек ми е навистина драг и мислам дека ќе фали неговото отсуство, но не знам која тактика ќе се спрема, но и Јосип Божиќ Павлетиќ е навистина добар играч. Со неговото меѓународно искуство мислам дека екипата е доста квалитетна. За идниот тренер, Жељко Бабиќ немам ниту еден лош збор бидејќи сите ракометари со кој соработувал имаа само пофалби за него”.

Обрадовиќ додаде дека Еурофарм Пелистер во новата сезона ќе има шанси да се носи рамо до рамо со Вардар.

„Иксрено, се надевам дека Еурофарм Пелистер може да го добие Вардар. Екипата на Вардар состави еден добар тим за новата сезона и еден плус за нив е доаѓањето на Веселин Вујовиќ ( доколку дојде како нов тренер). Мислам дека Еурофарм Пелистер генерално има шанси и следната сезона мојата екипа ќе биде уште посилна”.

Освен Немања Обрадовиќ, во екипата на Еурофарм Пелистер во новата сезона ќе пристигнат и Јосип Божиќ Павлетиќ, Марко Кизиќ и Реиние Табоада.