Ракометарите на Вардар ја забележаа седмата победа во седмиот натпревар од суперлигашкиот плеј-оф. „Црвено-црните“ славеа на гостувањето во Автокоманда кај Металург со 27-31.
Мотивираните домаќини сакаа да покажат дека лошите изданија се зад нив и во голем дел од првиот дел беа тие што диктираа темпо. Одличниот Дупјачанец беше тука за да помогне кога беше потребно. По седум израмнувања на резултатот до 7-7, Вардар поведе со 7-9, а беѓе и 8-10. Во овој период Металург заигра подобро во одбраната, а грешките на „црвено-црните“ ги казнуваше со лесни погодоци за плус два, 12-10.
Во финишот на полувремето беше и највисоки плус три, 14-11, но искусниот гостин знаеше како набрзина да се врати во игра, па на пауза се замина со нерешени, 15-15, откако Чупиќ реализираше од пенал.
По 19-19 во вториот дел, вардарци направија серија од четири погодоци за 19-23, но кога помислија дека таа разлика ќе биде доволна, домашните реализираа исто така во серија и на десетина минути до крајот беше 23-24. Домашните попуштија прилика за реми со техничка грешка и веќе немаше назад. Вардар отиде на плус пет, 25-29 и немаше назад за Металург.
Намалија со два гола на 26-29, но сепак гостите рутински ја одржаа предноста и го забележаа седмиот триумф во суперлигашкиот плеј-оф со 27-31.