Поранешниот македонски ракометен првак Металург ќе мора да си бара нов тренер иако се надеваше дека Бранислав Ангеловски ќе ја прифати понудата на тимот од Автокоманда и ќе седне на тренерското столче. Членот на шампионскиот тим на Металург од 2006 реши да се посвети на работата во репрезентацијата каде заедно со Кирил Лазаров и Ацо Јоноски ќе бидат веднаш зад Кирил Лазаров.
Иако Металург имаше сериозна понуда за Ангеловски, тој сепак реши засега да не се ангажира во клуб.
„Имав конкретна понуда од Металург. Разговаравме, но бидејќи се тоа се случуваше во период кога бев фокусиран на настапот на репрезентацијата во квалификациите за ЕП со Данска побарав малку време да размислам. Бев малку неподготвен за таква понуда, а сакав да бидам фокусиран на дуелите со Данска. Многу сум му благодарен на Металург што мислел дека јас можам да одговорам на таа тренерска позиција. Во меѓувреме размислував и сфатив дека она што го работиме во репрезентацијата е многу сериозно, дека РФМ прави се да ги имаме условите да ја насочиме оваа млада репрезентација на вистинскиот пат и таа да продолжи по стапките на нашата генерација. Затоа и сметав дека сега треба целосно да се посветам на тоа и да бидам повеќе со репрезентацијата, со подготвување на она што ни претстои, изјави Бранислав Ангеловски за 24ракомет.
Металург сепак задоцнил неколку месеци со понудата кон Ангеловски. Тој бил подготвен за тренерски предизвик, но..
„Уште кога Зоран Кастратовиќ замина од Металург слушав во неколку наврати муабети дека клубот сака да ме ангажира, сака да разговара со мене. Но, никој не се јави ниту не разговараше. Ако тогаш направевме муабет верувам дека ќе се решев за тренерски ангажман. Сега веќе се сменија условите, и јас повеќе сакам да бидам посветен на репрезентацијата, вели Ангеловски.
Скопскиот клуб беше многу заинтересиран за неговите услуги и се надеваше дека поранешниот репрезентатвец на Македонија кој настапуваше и во Автокоманда ќе прифати да биде дел од тим кој би требало да донесе пресврт со клубот. Но, се оглед на одбивањето сега Металург треба повторно да бара тренер, или да му дозволи на Владимир Глигоров да продолжи со тренирањето, иако тој привремено го презеде тимот по отказот на Оливер Димитриоски.
Металург сезонава ќе има тешка задача да биде во самиот врв и да се бори за место во европските купови, бидејќи по поразот од Пролет во првото коло сега ќе мора да бара шанса да „брејк“. Покрај Металург сериозни амбиции во домашната лига имаат и Пролет, Охрид, Бутел кои заедно со Вардар и со Еурофарм Пелистер ќе се борат за највисокиот пласман.