Силен отпор на Црна Гора, но светскиот вицепрвак не дозволи изненадување

Репрезентациите на Шведска и Црна Гора одиграа квалитетен и неизвесен натпревар во рамки на квалификациската група 8 за пласман на Европското првенство во 2022 година. Шведска го продолжи максималниот ефект откако ја совлада Црна Гора со 27:24.

Почетокот на натпреварот беше максимално израмнет, сè до 15. минута и резултат 8:8. Следуваше добар период на Швеѓаните во кој направија серија од 3:0 за прво повисоко водство на една од екипите.

До крајот на првиот дел домашната екипа го контролираше резултатот, но Црна Гора не дозволи противникот да се одлепи на недстижна предност. Еден од најзаслужните за негативата само од два на полувреме за Црногорците беше голманот Симиќ кој имаше фантастични интервенции. После 30 минути игра беше 15:13.

Во второто полувреме Шведска најчесто имаше три или четири гола предност, ваквата позитива успеаја да ја сочуваат до крај. Симиќ повторно во неколку наврати им даваше надеж на соиграчите, но светскиот вицешампион не дозволи изненадување.

Најефикасен во репрезентацијата на Шведска беше Никлас Екберг со осум погодоци, додека по три постигнаа Готфритсон и Пелас. Бранко Вујовиќ и Милош Вујовиќ со по шест гола беа најефикасни во составот на Црна Гора, а Шеваљевиќ погоди три пати.