Ракометарите на Работнички остварија злато вредна победа на стартот од разигрувањето за опстанок над засилениот Радовиш со 25-23. Иако донесоа тројца интернационалци во своите редови, сепак тоа не беше доволно и домашните предводени од голманот Гогов стигнаа до триумф.
Гостите отворија со предност од 0-2, беше и 2-4, но младите домашни ракометари направија пресврт со серија од пет погодоци за 7-5. Но потоа радовишани погодија четири пати по ред по одбраните на Паунов, и ја вратија предноста на своја страна, 7-9. Во продолжение се играше гол за гол, двете екипи се менуваа во водството од еден гол разлика, но на пауза се замина со реми, 13-13.
Во вториот дел продолжи истата игра гол за гол до 19-19 и тука се случи клучниот момент на натпреварот. Голманот на Работнички, Гогов одбрани неколку удари, неговиот тим се одлепи на 22-19, а потоа и 24-20 и немаа гостите сили да се вратат во игра за бодови на овој дуел.
Се обидоа и со пресинг игра во последните моменти, но немаше време за нешто повеќе, па натпреварот заврши со победа за избраниците на Стојан Петрушевски, 25-23. Најдобри стрелци кај победникот беа Ончев и Ќосевски со по седум гола, а кај Радовиш се истакнаа Илиев и Долдуров со по пет погодоци.