Ракометарите на КЛ7 со победа од 33:31 на гостувањето во Прилеп го отворија пролетниот дел од сезоната во Супер лигата во плеј-аут групата. Во натпревар со многу надигрување младите момци од Голден Арт КЛ7 беа подобри во вториот дел така што на крајот се радуваа на три значајни бодови.
Иако Прилеп на почетокот водеше со 2:1 со головите на Рустамов и Тренчевски, гостинската екипа од Скопје преку брзи напади возврати на секој гол и веќе при истекот на 4. минута го имаше првото водство на натпреварот, 2:3.
Домаќинот заигра поангажирано во нападот и преку бековите, Шокоски и Андоноски, создаде предност од три гол, 10:7, во првата половина од првиот дел. На спротивната страна, Ѓорговски, ги одржуваше надежите на својата екипа. Младата екипа на Голден Арт КЛ7, преку Ѓорѓиев и Ѓорговски го израмни резултатот на 11:11, а серијата на голови продолжи до крајот на првиот дел, кој заврши нерешено, 16:16.
Во вториот дел ракометарите на Голден Арт КЛ7 со серија од 2:0 го променија резултатот на семафорот за прво водство од два разлика, 16:18. Проблемите во нападот и одбраната беа целосно искористени од страна на гостинските ракометари, па така нивното водство достигна и до највисоки три разлика во 35.минута, 17:20.
Рустамов со трите погодоци од контра го израмни резултатот на 20:20 и минута подоцна, Чантурија, го врати водството на прилепчани. Како што одминуваше времето, избраниците на Горан Кузмановски, физички и психолошки беа подобар противник. Скопјани предводени од Ѓорѓиев и Симоновски направија целосен пресврт во играта и го презедоа водството во свои раце.
Резултатската неизвесност продолжи до самиот крај и бодовите во целата ситуација ги освои екипата на Голден Арт КЛ7 победувајќи со 33:31 на тешкото гостување во Прилеп.