Репрезентативецот на Македонија и најдобар десен бек во есенскиот дел од Супер лигата во гласањето на читателите на 24 Ракомет, Мартин Серафимов е единствениот класичен десен бек во тимот на Металург. Тој ќе мора и денеска да понесе голем товар на дуелот против Аон Фиверс и од него се очекува добра игра.
Самиот е свесен за тоа дека екипата има форма која оди во нагорна линија иако не се уште комплетни, но и дека денеска се соочуваат со незгоден ривал.
„Штета што повторно не сме комплетни, но факт е дека со враќањето на Тарабокија нашата игра се крена на едно повисоко ниво. Против Чеховски Медведи имавме значаен напредок во играта, а очекувам тој тренд да продолжи и на дуелот со Фиверс. Тоа е тим составен од искусни ракометари, но верувам дека нашата желба за победа ќе биде поголема од нивното искуство и дека тоа ќе се покаже пресудно на вечерашниот натпревар“, вели Серафимов.
Очекува да биде покажана игра на високо ниво и да биде покажано најдоброто издание досега. Ќе биде сигурно интересно, но мора да се покаже форма на највисоко ниво.
„Не е прашање дали можеме, туку мораме да играме на високо ниво. Имаме огромна желба, да напредуваме од натпревар во натпревар и со самото тоа да се подготвуваме за домашното првенство. Се надевам дека сето тоа ќе заврши во најдобар ред, веќе надминавме бројни проблеми со изолации и со позитивни играчи, го оставаме тоа зад нас и очекувам да бидеме комплетни и во топ-форма за клучниот дел од сезоната“, коментираше десниот бек на Металург.
Вечерва од 20:45 часот ќе нема многу простор за тактизирање туку ќе треба да се покаже најдоброто на теренот.