Младиот ракометар на Металург, Андреј Митиќ од почетокот на пролетниот дел од сезоната мора самиот да го носи товарот на пивотменската позиција. Тој е единствениот играч на ова место со оглед на тоа што Канкараш си замина, а Лазаревски уште не е подготвен за да се врати во екипата.
На последните натпревари покажа дека може одлично да се снајде на теренот против секој ривал и тоа го потврди неколкупати. Сега одново се очекува да биде на потребното ниво и против Аон Фиверс да одигра нов добар натпревар.
„На првиот дуел во Скопје одигравме нерешено, а ова е добра шанса за нас младите, за сите за прва победа. Не сме комплетни, но се надевам дека ќе прикажеме добра игра. И на мечот со Чеховски медведи во Скопје одигравме добро, но поради некои наши грешки во финишот го загубивме така натпреварот. Што се однесува до мене, јас сум благодарен на Металург и тренерот Димитриоски за шансата што ја добив. Мое е на секој натпревар да го давам максумумот, да се надоградувам и да бидам подобар од натпревар во натпревар. Засега сум задоволен, но целта е да напредувам, а ова е голема шанса и за мене и за другите и за тоа“ коментираше Митиќ.
Натпреварот кој се игра утревечер од 20:45 часот ќе биде го означи стартот на финишот на групната фаза во Лигата на Европа бидејќи веќе следната седмица завршуваат дуелите од оваа фаза во натпреварувањето.