Димитриоски: Ни фалат играчи за квалитетно да одговориме на сите екипи

Металург загуби со 32-37 од рускиот првак Чеховски Медведи, иако евидентен беше напредок во играта во споредба со претходно.

Тренерот Оливер Димитриоски вели дека фалат играчи за ротација за да може квалитетно да се одговори на сите екипи.

„Честитки за победата на Чеховски Медведи. Ние одигравме подобро во напад за разлика од мечот во Русија. Во одбрана бевме лоши, иако во еден период ја подобривме играта. Се гледа дека сепак ни фалат и другите играчи за да се комплетираме и квалитетно да одговориме на сите екипи, со подолга ротација, подобра одбрана и напад“, изјави Димитриоски.

Голманот Даниел Ѓорѓески бранеше солидно во првото полувреме и се согласува со тренерот на Металург.

„И покрај сите проблеми кои ги имавме, собравме сили да одиграме добар натпревар. Потфрливме во одбрана, примивме многу голови. Но, тоа е што е, не сме комплетни, ни фалеа играчи, можеби со нив ќе беше поинаков резултатот“, изјави Ѓорѓески.

Следен предизвик за металурзи ќе биде гостувањето кај австрискиот Фиверс.