Машката репрезентација на Македонија денеска го игра вториот натпревар од главната рунда на Мундијалот во Египет.
Еден од странците што оставија и се уште оставаат голема трага во нашиот ракомет е Русинот Тимур Дибиров.
Тој ја минува осмата година во Скопје во редовите на Вардар, а денеска со интерес ќе го следи дуелот на Македонија и Русија.
„Јас сум патриот и нормално е дека денеска ќе навивам за Русија, ама имам многу голема почит кон Македонија. Ова е држава која ми даде многу, стана мојот втор дом, моите деца се родени тука. И посакувам среќа на Македонија, ама јас сум навивач на Русија. Во моментов мислам дека Русија и Македонија се во ист процес, на смена на генерации. Но разликата е што оние што не заменија нас, се поискусни од новите играчи во Македонија. Младите руски играчи веќе имаат поголемо искуство, сега се во главна улога, но сепак сметам дека во Русија требаше тоа да го направиме многу порано. Понекогаш треба да ризикуваш, да жртвуваш резултати за полесно да помине смената на генерацијата, како што сега прави Македонија. Едноставно, тоа мора да се случи, но не значи дека некој играч станал полош и не може да игра. Лазаров и Стоилов и догодина ќе играат добро, но мора да се мисли на иднината. На пример во Русија замените наши што треба да бидат млади, сега имаа по 28-9 години и не се млади. Кога менуваш цела генерација, тоа треба да бидат млади играчи како Исланд, Шведска, Португалија, Египет исто“, вели Дибиров.
Македонија и Русија ќе го играат петтиот официјален натпревар на големите натпреварувања.
„Можеби ќе бидам најсреќен ако биде реми. Ама посакувам победа на Русија, тоа за мене ќе биде многу значајно, ако победи Македонија ќе им честитам од срце“, заврши Дибиров.