Брестовац: Ако судиите дозволат „тепање“, ќе загубиме многу лесно

Машката репрезентација на Македонија денеска ја очекува вториот предизвик во главната рунда на Светското првенство во Египет.

Ривал на избраниците на Данило Брестовац ќе биде селекцијата на Русија, која остави солиден впечаток на овој Мундијал предводена од новиот селектор Велимир Петковиќ.

Брестовац вели дека ако судиите дозволат „тепање“ како на претходниот дуел со Словенија, тогаш овој дуел ќе го загубиме лесно.

„Откако го изгледав натпреварот со Словенија, не ми се допаднаа некои судиски одлуки. На двете страни не се гледаше подеднакво, на пример на играта на пивотмените. А ние сме потпрени на нашите пивоти и доста играме преку нив. Во многу случаи ни беше отежнато, бидејќи судиите не судеа. Така беше со Шведска¸ а особено против Словенија. И момците забележаа, се вртат некои клипчиња на интернет, на пример крилата стојат во аут, па ни даваат голови. Талески не го турка противникот, а добива две минути при 5-4. Благотиншек и Габер маваат на Столе и на Жаре, нема ни жолт. Дали нè гледаат малку помлада екипа, па немаше некој изедначен критериум. Мора да го сфатиме тоа и самите играчи се свесни дека ќе нè тепаат и Русите и Белорусите, мора да го прифатиме тој факт дека се физички посилни. Пак ќе речам, ќе зависи кои судии се и каков критериум ќе наметнат. Ако им дозволат да нè тепаат, ќе загубиме многу лесно. Ако нè заштитат во тие некои дуели, тогаш би бил среќен и се надевам на позитивен резултат. Ќе правиме повеќе ротации, помалку минути поминати на терен по човек, но секој да сфати дека тие минути кои ќе ги помине на терен, мора да се одработат во некој оптимум“, изјави Брестовац.

Натпреварот меѓу Македонија и Русија се игра денеска во „Каиро Стадион“ со почеток во 15:30 часот.