Репрезетнацијата на Унгарија продолжи со добрите игри на Светското првенство во Египет и во првото коло од главната фаза во групата 1 без многу проблеми го совлада Бразил со 29:23.
Почетните минути на натпреварот беа израмнети, така беше се до средината на првиот дел кога Унгарија со три гола по ред за првпат имаше повисока позитива од 11:8. Тука започна кризниот период на Бразилците кои дозволија противникот да го контролира резултатот и да обезбеди добра предност.
Бразил немаше решение во одбрана за расположените противнички ракометари кои погодуваа од сите позиции. Клучната разлика која можеби и беше одлучувачка за победникот на натпреварот Унгарија ја направи во последните минути од првото полувреме кога поведе 16:11 што беше резултат и на паузата.
Со два гола на почетокот на вториот дел Унгарија веќе имаше 18:11. Во 40. минута Бразил успеа од минус седум да намали на три негатива што беше знак Чема Родригез да повика тајм-аут. Критиките и советите од тренерот дадоа резултат, Унгарците одиграа добра одбрана и ја прекинаа серијата на Бразилците.
Во 45. минута Унгарија веќе имаше предност 22:17, голманите Миклер и Шекели се разбранија, а во напад Лекаи погоди за повторно сигурно водство. Унгарија знаеше да ги казни грешките на противникот и за две минути се врати на сигурна позитива од седум гола. Ова беше доволно за Унгарците да стигнат до нова победа.
Со овој триумф Унгарија го задржа максималниот ефект и е на првата позиција во групата 1 со шест бода, додека репрезентацијата на Бразил останува на еден бод и ги загуби шансите за пласман во нокаут фазата.