Репрезентацијата на Шведска е едно од изненадувањата на ова СП. Кога ќе кажете Шведска, ракомет, а изненадување, некако не оди едно со друго. Меѓутоа ако се земе фактот дека на ова првенство поради Корона кризата дојдоа без 11 стандардни репрезентативци и малку кој од нив се надеваше дека после 4 натпревари на шампионатот се уште се без пораз и се големи фаворити за пласман во четвртфиналето.
Швеѓаните последната титула светски првак ја имаат освоено во Египет во 1999 год. Овојпат никој не сметаше на нив дека можат да забележат некој позначаен резултат. Од ова што досега го видовме на овој турнир можеме да забележиме дека ни самите Швеѓани не се свесни кои им се нивните реални можности. Можат да победат било која репрезентација, но и да кикснат против некој послаб.
За прв пат ги предводи Норвежанецот Глен Солберг, кој како играч имаше импресивна кариера, а сега за прв пат како тренер во една посериозна приказна (претходно беше асистент во норвешката репрезентација и во норвешкиот клуб Халвард). Соочен со отказот на доста битни играчи како во фазата на нападот така и во одбраната, не очајуваше туку селектираше нова репрезентација, подпомогната од „здравите“ Паличка, Годфрисон, Ване и Дариј. Шведскиот систем кој е воспоставен од младите селекции па се до сениорскиот тим, му овозможи лесно да ги вклопи (без заеднички тренинг пред првенството) новите играчи.
Во одбрана тука е стандардната 6:0 зона, доста подвижна агресивна и компактна. Како централни одбранбени играчи тука се Дариј и Карлсбогард, кои вршат голема работа. Тоа најубаво можевме да го осетиме на своја кожа, а домаќинот Египет го спуштија на 23 дадени гола.
На вчерашниот натпревар со Белорусија во вториот дел од мечот можеше да се види таа подвижност и агресивност, 3 и 4 цврсто на средината додека халфовите негде до 9 метри доста подвижни, подпомогнати со голманите беше главен фактор да шведската репрезентација се врати во натпреварот после голема негатива и да дојде во ситуација да победи, односно во случајов одигра нерешено.
Во нападот можеме да ги видиме сите карактеристики и одбележја што го красат скандинавскиот ракомет. Брзи и прецизни додавања, експлозивни бекови, крила кои скокаат од секоја ситуација. Главениот збор го имаат бековите, каде од одвлекување или промена на места без топка, се поставуваат во ситуација каде што првичното движење им е 1 на 1 дијагонално од пивотменот. Од тоа движење зависи како ќе се одвива понатаму нападот, дали со шут од надвор, проаѓање од 6метри, вишок до крило или проигрување со пивот. Она што недостасуваше против Белорусите во почетокот на мечот е тоа што Швеѓаните не напаѓаа фронтално кон голот, туку повеќе паралелно, што резултираше со неколку пресечени додавања. Друга главна карактеристика на нападот е брзата транзиција од фаза на одбрана во напад. Брзите крила на Шведска брзо го освојуват просторот и лесно доаѓаат во шанса од контранапад.
Се е полесно кога имаш систем.