Еден од противниците на Македонија во главната фаза, Русија, настапот на Светското првенство го доби со вајлд-карта од ИХФ. Селекторот Данило Брестовац направи интересна споредба со нив при анализата на следните противници.
„Словенија, Русија и Белорусија се репрезентации од врвот на европскиот и светскиот ракомет. За Словенија нема што да објаснувам. Има школа со сериско производство на таленти и во моментов од таму доаѓаат најмногу средни напаѓачи во европски рамки. Русија и Белорусија имаат евидентен напредок. Русите го добија како награда пласманот на СП и така го играат првенството, растоварено. Така требаше и ние да го играме. Искрено се надевам дека против овие три европски селекции ќе покажеме дека сме на вистинскиот пат. Доколку ни се повторат оние први два натпревари, ќе ни биде многу тешко и на играчите и на мене, затоа што ќе почнам да се сомневам во она што го работам“, заклучи селекторот на Македонија.