Шокоски за 24 Ракомет: Додека постојат шансите, веруваме дека можеме до плеј-оф

Екипата на Прилеп сезонава создаде квалитетен тим кој може да му парира на секој противник во Супер лигата, а добрите партии овозможија да има шанса за влез во плеј-офот. Сепак, тоа ќе зависи од последните два натпревари, против Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2 на кои мора да се обезбедат две победи.

Еден од поискусните ракометари на Прилеп, Давор Шокоски, се надева дека неговите соиграчи ќе покажат голема борба во клучните натпревари и дека ќе може да се исполни целта.

„Шансите сè уште постојат. Ќе дадеме максимум за да дојдеме до посакуваното место во плеј-оф групата и верувам во моите соиграчи. Сепак, и ова е еден вид на успех бидејќи на почетокот на сезоната, нашата цел не беше плеј-оф, но направивме голем чекор кон плеј-офот“, вели Шокоски за 24 Ракомет.

Шокоски го носеше дресот на Бутел Скопје и Металург 2, а оваа сезона се врати во редовите на Прилеп каде добива далеку поголема минутажа. Тоа беше и причината, поради која се реши да се врати дома

„Прилеп е мојот матичен клуб, тука израснав. Помалата минутажа во Бутел и Металург, како и фактот да се биде под водство на тренер, звучно играчко име како Горан Кузманоски, ме натера да се вратам во Прилеп. Клубот одлично функционира, има добра атмосфера, немаме никакви замерки, играчки сме еден за сите, сите за еден“.

Прилеп во еден од клучните натпревари, против ГРК Тиквеш, одигра лош натпревар, а причината за поразот, Шокоски, ја гледа во лошото прво полувреме, каде што беше и одлучено, кој ќе ги добие двата бодови.

„Првото лошо  полувреме од наша страна го одлучи натпреварот. Нашето неискуство дојде до израз. Сепак, сме млада екипа и на голем дел од играчите ова им е прва сезона во Супер лигата. Останува да се подобриме, да ги анализираме нашите грешки и да се издигнеме над ова. Јас верувам дека напролет ќе го видиме Прилеп во вистинско светло“.

Супер машката лига годинава е  во проширен состав. Квалитетот е барем едно скалило повисоко со оглед на тоа што секој клуб ангажираше засилувања секоја екипа сака подобар пласман и место меѓу најдобрите, но за сите нема место.

„Супер лигата дефинитивно оди во нагорна линија. Се приклучија и екипи од Првата лига и секоја од нив доведе квалитетни засилувања, а со самото тоа се зголеми конкуренцијата за место во плеј-офот. Секоја екипа има свој квалитет, а ниту еден натпревар не е лесен“.

Давор Шокоски е син на поранешниот ракометар на Тутунски Комбинат, Боро Шокоски. Популарното име на неговиот татко во градот под ” марковите кули” на младиот ракометар не му прави никаков притисок. Со неговиот татко секогаш ги анализираат натпреварите и ракометот му е тема број еден за разговор.

„Никогаш не сум чуствувал притисок поради името на мојот татко. Можеби оние кои го гледале и ми кажуваат каков играч бил и што правел на терените, прават мал притисок врз мене.  Јас тоа не го гледам како притисок, туку како мотивација да бидам подобар од него.  Кога сме дома темата за разговор е секогаш ракомет и ракомет. Заедно ги анализираме натпреварите, и колку и да сум бил добар, никогаш не добивам одличен коментар, секогаш ми вели дека можам подобро“, коментираше Шокоски за 24 Ракомет.

Прилеп веќе утре ќе го има првиот одговор дали може до плеј-офот кога ќе се соочи со тимот на Бутел Скопје. Тоа ќе биде тешка средба на која едноставно мора да се одигра на максимум за да се дојде до потребните бодови. Потоа в недела ќе биде и пелагониското дерби против Еурофарм Пелистер 2.