Ракометарите на Металург не успеаја да најдат доволно силна противигра за гостите од Австрија и на одмор имаат негатива од три гола и резултат 16:19. Во текот на сите 30 минути Фиверс има предност, која достигна максимум до пет гола. Сепак, на одмор е три разлика што дава надеж за подобро второ полувреме.
Од почетокот на средбата се виде дека во тимот од Австрија имаат одлична подготовка за играта на Металург. Неполни три минути беа доволни за предност од 3:0 на стартот што беше премногу лошо отворање на овој дуел за тимот од Автокоманда.
На секоја грешка на Металург се враќаше со гол, а и после секој погодок од „металурзите“ гостите знаеја како да вратат бидејќи играа многу брзо. Лесно претрчуваа покрај играчите на Металург и доаѓаа до шанса за гол која лесно ја претвораа во погодок.
Ваквата игра носеше резултат за гостинскиот состав. Металург успеа да дојде до гол негатива во 6. минута и имаше 3:4, но тука одново следуваше лоша реализација и немаше враќање назад, а немаше ниту помош од голманите. Веќе во 12. минута беше 6:10 и тука можеше да се види дека овде гостите ќе немаат поголеми проблеми да ја исконтролираат средбата до крајот на првите 30 минути.
Највисоките пет гола разлика дојдоа во 15. минута при 7:12, а Металург успеваше само да намали на четири погодоци. Така беше до 13:17 кога гостите врзаа две грешки во серија, а потоа Мариќ и Канкараш реализираа за 15:17 на три минути до крајот на полувремето.
Металург- Фиверс (Лига на Европа)
Иако на моменти металурзите имаа добра игра тоа не беше доволно за целосен пресврт, па на одмор негативата е три гола (16:19) и ќе мора да се крене нивото ако се сака позитивен епилог на крајот од оваа средба.
Серафимов и Хорват со по три гола се најефикасните играчи на Металург, додека по два имаат Рниќ, Канкараш и Мариќ. По еден гол имаат Лазаревски, Кондев, Тарабокија и Додиќ. Во Фиверс убедливо најефикасен е Ерик Дамбок кој погоди седумпати од исто толку шутеви.