По карантинот од две недели, како и по трите меча одиграни за пет дена, Металург ќе се концентрира на третиот дуел од Лигата на Европа.
Избраниците на Оливер Димитриоски ќе го пречекаат австрискиот тим Фајверс, кој е сметан за аутсајдер во групата и тим против кој Металург може да се надева на победа.
„После два карантина, после толку неодработени тренинзи, неколку позитивни играчи, се враќаме полека во некој ритам, што е многу тешко. Знаете дека имаме заостанати средби и во домашното првенство, па се обидуваме да се искомбинираме и со тренирање и со играње. Имавме и видео анализа на противникот, така што со ростерот, со целата подготвеност на играчите, ќе се обидеме да пружиме убава партија. Дел од нив се вратени во натпреварувачки ритам, дел уште не се излезени на теренот. Ќе биде тешко, но се надевам на добар натпревар“, вели Димитриоски.
Австрискиот Фајверс изненади многумина со пласманот во групната фаза, но елиминираше тимови како Бенфика и Бенидорм.
„Негуваат германски стил на ракомет, брзи се, ќе се обидеме да се одржиме 60 минути и ние на високо ниво. Да не им дозволиме да не наттрчаат, ако тоа го дозволиме сигурно ќе паднеме. Се надевам дека ќе изгинат играчите пред сè, затоа што и тие се желни за победа во Лигата на Европа. По она што ни се случи во Шпанија, по толку одложени средби, мислам дека се има преголема желба за играње и дека нема да изгориме во таа желба“, заврши Димитриоски.
Натпреварот меѓу Металург и Фајверс се игра во вторник на 22 декември со почеток во 18:45 часот.