Стјепановиќ: Поквалитетна екипа сме од Тримо, одиме на победа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва ќе го играат натпреварот од петтото коло во Лигата на Европа на гости кај словенечкиот Тримо Требње.

Десниот бек Невен Стјепановиќ вели дека во споредба со лани, битолчани се поквалитетни и дека има одлична хемија.

„Искрено, можам точно да кажам дека имаме доста поквалитетна екипа од минатата сезона. И тогаш имавме квалитетни ракометари, но сега мислам дека тимот како тим е доста подобар. Склопивме мозаик и имаме одлична хемија во тимот. За жал немавме доволно натпревари и тоа да го покажаме. Ги покажавме добрите страни, имавме и лоши моменти, но со повеќе натпревари ќе го покажеме квалитетот“, вели босанскиот интернационалец.

Тој се надева на позитивен резултат од гостувањето во Љубљана.

„Секогаш постои притисок. И кога сте поквалитетни екипа и кога не сте – секогаш постои тој притисок. Мислам дека сме поквалитетна екипа од Тримо Требње, но тие играат многу брзо, што и го покажаа против Татабања. Унгарците се многу добра екипа, а тие успеаја да ги победат. Одиме со респект, но имаме императив на победа, поквалитетна екипа сме и се надевам на позитивен резултат“, завршува Стјепановиќ.

Натпреварот меѓу Тримо Требње и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во „Тиволи“ со почеток во 20:45 часот.