По поразот од Пролет минатиот викенд, ракометарите на Струга се вратија на победничките патеки во Суперлигата, откако победија на домашен терен против струмички Астраион со 32-27.
Гостите, кои беа со скратен ростер на овој натпревар, парираа само во првите десетина минути додека беше 5-5. Потоа стружани се одлепија на плус четири 9-5, и таквата предност умешно ја сочуваа до паузата, 18-13.
Во второто полувреме ништо не се промени на теренот. Домашните без поголеми проблеми ја одржуваа разликата, ги казнуваа сите грешки на струмичани и на крајот славеа рутинска победа со 32-27. Во последните пет минути немаше ни еден погодок на двете страни.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Богдан Николиќ со седум и Пеце Рајатовски со шест голови, додека Игор Илиевски и Ненад Костоски дадоа по пет. Кај струмичани, стандардно добар беше Мите Караиванов со седум погодоци, а исто толку даде и Филип Кавазов.
Во следното коло во вторник, Струга ќе му гостува на КЛ7, додека Астраион треба да игра против Јуниор Кисела Вода во Струмица.