Тимот на Еурофарм Пелистер денеска го игра третиот натпревар во Лигата на Европа, а противник ќе биде бундеслигашот Рајн Некар Левен.
Битолчани по поразот од ГОГ Гудме, ремизираа на домашен терен со Кадетен Шафхаузен, иако имаа висока предност во текот на мечот.
Пикерот Томислав Кушан смета дека иако досега немаат победа, одиграле добро на двата меча.
„Мислам дека двата натпревари игравме добро. На првиот натпревар немавме среќа и загубивме на второто најтешко гостување во групата. Против Кадетен Шафхаузен исто така бевме добри, посебно во првиот дел, но немавме сили да го извлечеме целиот натпревар. Тој карантин, кој сите го прележавме, скапо нè чинеше. Натпреварот против Рајн Некар Левен сигурно е најтешко гостување. Се работи за најквалитетна екипа во натпреварувањето. Но, ќе играме на победа и ќе дадеме максимум, па што сака нека биде. Најголем квалитет им е полуконтра и контра, играат брз ракомет. Често комбинираат со пивотменот, нивниот среден бек е еден од најдобрите во светот, Енди Шмит. Тоа се нивните најсилни страни, кои ќе се обидеме да ги затвориме“, вели Кушан.
Натпреварот меѓу Рајн Некар Левен и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во 20:45 часот.
„Еурофарм Пелистер ќе даде сè од себе, мечот против нас им е најголем предизвик“