Репрезентативците на собир – вечерва стартува мисијата ЕП 2022

Со вечерашниот тренинг од 19:00 часот на ракометарите кои веќе се пристигнати во Македонија, селекторот Данило Брестовац ќе означи старт на мисијата ЕП 2022.

Претходно, еден час порано, ќе биде неофицијалниот собир на кој ќе се појават ракометарите од македонските клубови, додека од интернационалците веќе пристигнаа Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Дејан Манасков и Мартин Томовски.

Кире Лазаров и Никола Митревски доаѓаат викендов, а последни ќе се приклучат Мартин Поповски и Дарко Георгиевски, па од понеделник навечер, Брестовац би требало да ги има сите играчи на располагање.

Доколку има потреба, ќе повика уште некој ракометар од домашните клубови што се најдоа на поширокиот список.

Македонија во првиот натпревар игра дома со Финска на 4 ноември од 20:00 часот, додека вториот дуел се игра на гости кај Швајцарија на 7 ноември од 18:30 часот.