Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ќе го одиграат првиот официјален натпревар од новата сезона.
Ривал ќе биде тимот на ГОГ Гудме од Данска, а тренерот на битолчани Жељко Бабиќ, вели дека било тешко да се задржи фокусот во време кога немаше натпревари.
„Многу е тешко да имате силни тренинзи, а да немате натпревари. Помина долго време од нашиот последен официјален натпревар. СЕХА не започна во терминот кој го очекувавме, исто така поради коронавирусот не го одигравме ниту првиот натпревар во Европската лига. Затоа беше многу тешко да се задржи фокусот, особено за нас тренерите кои моравме да наоѓаме начини како да не се почувствува тоа отсуство на натпревари. Играчите беа вредни, исто така и моите помошници. Затоа верувам дека минавме одличен подготвителен период, ги имавме ракометарите под контрола, а тие беа ангажирани и ги покажаа своите индивидуалните квалитети. Верувам дека добро сме подготвени да играме европски ракомет во овој момент“, вели Бабиќ.
Хрватот вели дека прв фаворит во групата е Рајн Некар Левен, потоа ГОГ Гудме, а дека сите други ќе се борат за уште две места кои водат во следната фаза.
„Видовме дека се случуваат големи изненадувања, пред сè тоа е резултат на проблемите со коронавирусот. Но можеме да кажеме дека Рајн Некар е фаворит, а потоа следува ГОГ Гудме. Сите останати во групата имаме сличен квалитет и во зависност од формата на тие натпревари ќе се реши кои екипи ќе одат во елиминационата фаза. Гудме е одличен тим, моментално е лидер во Данска. Она што е карактеристично за нив е протокот на топката кој е многу брз, многу играат „еден на еден“ и трчаат во текот на сите 60 минути. Една од главните наши цели на овој натпревар е контролата во нападот и брзо враќање во одбрана. Доколку ја имаме контролата на топката, ако имаме контролирани шутеви, во тој случај ќе ја забавиме нивната игра и ќе можеме да се поставиме во одбрана како што посакуваме“, вели Бабиќ.
Натпреварот меѓу ГОГ Гудме и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 18:45 часот.