Екипата на Вардар нема официјален натпревар речиси еден месец, а за следниот дуел од Лигата на шампионите ќе мора да се подготвува на контролни средби. Веќе е договорен пријателски натпревар, а ривал ќе биде составот на Бутел Скопје.
Во моментов екипата на Бутел Скопје нема натпревари, па може да спарингува со „црвено-црните“ и да помогне да се одржува натпреварувачката форма.
Средбата треба да се одигра утре во СЦ „Јане Сандански“, а веќе е познато дека Вардар натпреварот против Флензбург ќе го игра следниот четврток на домашен терен (секако доколку нешто не се изјалови повторно и има некаква причина за ЕХФ за одлагање).
Кај тренерот на Вардар, Стевче Алушовски имаше желба за играње на натпревар и со Металург, па останува да се види дали до крајот на оваа седмица ќе има натпревар и против тимот кој почнува со подготовките за групната фаза од Лигата на Европа.