Тимот на Металург се пласираше во групната фаза на Лигата на Европа. По битолски Еурофарм Пелистер, тимот од Автокоманда ќе биде вториот македонски претставник во оваа фаза од новото натпреварување на ЕХФ. Избраниците на Зоран Кастратовиќ вечерва загубија од Криенс со 22-21, но слават место во групите од ЛЕ поради победата од првиот меч во Скопје со 26-24.
Македонскиот тим го отвори резултатот преку Хорват, но потоа Потиќ промаши два пати по ред, па домашнатата екипа тоа го казни и поведе со 2-1. Се играше гол за гол во продолжение со тоа што и двете екипи се менуваа во водство. Тарабокија во 20. минута пресече една топка и погоди за 7-8, а металурзите во следните напади не искористија прилика за плус два. Следуваше казна од Криенс и гол за 9-8, но и тие се сплеткаа и не поведоа со два гола.
Серафимов даде гол од пенал за 9-9, а потоа и капитенот Дупјачанец се истакна со две одбрани во серија. Поповиќ искористи еден отпадок за 9-10, но пак Металург не даде гол за плус два и Криенс израмни на 10-10. По тајм-аутот на тренерот Кастратовиќ, Металург погреши и прими гол од контра. Тарабокија израмни на 11-11, а на пауза се замина со гол предност за домашниот тим, 12-11, што беше најава за возбудливо второ полувреме.
Металурзи тргнаа лошо во вториот дел и веќе ја загубија предноста од Скопје, а Криенс со гоолот на Гаврановиќ се одлепи на плус три, 15-12. Беше и 16-13, но нашиот тим во 42. минута се врати на реми, 16-16. По две грешки во нападот на Металург, Криенс поведе со 18-16, имаше два напади за плус три, но и металурзи згрешија па Лапајне стрелаше за 19-17. Во продолжение разликата се движеше од еден до два гола предност за домаќините, а во последните пет минути се влезе со резултат 21-20.
Криенс згреши три пати по ред и не успеа да стигне до плус два, па казната следуваше преку Мариќ, кој израмни на 21-21 на минута и пол до крајот. Белорусинот Харбуз од тешка позиција донесе предност за Криенс, 22-21. Серафимов промаши, но домашниот тим не се снајде во возбудливата завршница и остана тој резултат што го води Металург во групната фаза.
Голманот Дупјачанец со 13 интервенции имаше една од водечките улови во тимот на Металург, додека Канкараш даде пет гола, а по четири реализации имаа Хорват и Тарабокија. Во домашниот тим Гаврановиќ беше стрелец на шест погодоци, а по четири дадоа Харбуз и Папеж. Ривалите во групната фаза, Металург ќе ги дознае на 1 октомври.