Огромен проблем за РФМ и одржување на првенството во машката Супер лига откако тимот на Работнички пријави 15 заразени ракометари. Целиот тим направил тестирање како дел од клупската политика повремено сите да се тестираат и резултатите биле позитивни. Сите играчи и членови на стручниот штаб се веќе во домашна изолација. Најголемиот дел од играчите немаат сериозни симптоми, но резултатите се позитивни.
Одложен е утрешниот меч против Металург кој требаше да се игра во Автокоманда. Ова е прв тим од Група Б што пријавува позитивни. Таму се тимовите Металург, Бутел, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш и Младост Богданци.
Неизвесно е сега како ќе реагира РФМ, бидејќи поради 16 заразени од тимот на КЛ7 во Група А таа група беше прекината и ќе продолжи за десетина дена откако ќе поминат две недели карантин за заразените.
По позитивните резултати од Работнички се бараат контактите на ракометарите за да се утврди од каде се заразени, и се претпоставува дека дел од нив имале физички контакти со ракометари што биле заразени од другите екипи. Тоа повторно го отвора прашањето за дисциплината на играчите, нивната професионалност и воздржување од премногу физички контакти надвор од салата со други лица.