Групата А од Супер машката лига ставена во мирување

После објавувањето на информациите дека 16 членови на тимот на КЛ 7 се позитивни на Ковид 19 соопштение објави и Ракометната федерација на Македонија. Натпреварувањето од Групата А во која се тимовите на Охрид, Пролет, Астраион, Радовиш, Струга, Јуниор Кисела вода и КЛ 7 од денеска се во мирување во следните 15 дена.

Ова е одлука со цел да се спречат несакани ситуации во продолжение односно зголемување на бројот на позитивни случаи.

Во соопштението од РФМ стои:

„Согласно добиените информации од Учесниците во домашното првенство во систем на натпревари во машката Супер лига (Група А) сезона 2020/21, за следење на здравствената состојба на играчите и стручниот штаб, по сугестија од надлежните државни органи, како и согласно општите превентивни мерки за спречување на ширење на Ковид 19 и протоколите, кои произлегуваат од планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на Ковид 19, ве информираме дека системот на натпреварување од Групата А во која се натпреваруваат Јуниор КВ, Пролет 62, Астраион, Радовиш, КЛ 7, Охрид и Струга е ставен во мирување 15 дена“.

Ова значи дека следните натпревари од Групата А би се играле на почетокот на октомври.

Останува да се види дали има и други позитивни случаи со оглед на тоа што во понеделникот, КЛ 7 гостуваше во Радовиш и играше натпревар. Претходно во петокот на домашен терен ги одмери силите со тимот на Охрид.