И покрај тоа што во Унгарија е дозволено на ракометните натпревари да има навивачи, сепак, управата на ПИК Сегед одлучи барем засега домашните натпревари да ги игра пред празни трибини.
Вардар во рамки на 3. коло од Лигата на шампионите треба да гостува во Сегедин каде што атмосферата секогаш е жешка. Сепак, актуелниот европски шампион ќе има олеснителна околност бидејќи натпреварот ќе се игра без гледачи. Ова го најави претседателот на ПИК Сегед, Ерно Шуц преку соопштение.
„Најпосле сезоната започнува, тоа го чекаа сите! Секоја година се обраќам пред почетокот и секогаш кажувам инспиративни реченици, ќе го сторам истото и сега бидејќи нашата цел сè уште не се менува, ние се стремиме да ги оствариме нашите соништа. Ние сакаме да победуваме! Да го освоиме унгарскиот шампионат, да го подигнеме високо пехарот од унгарскиот куп и да се најдеме на фајнал форот во Келн, бидејќи тоа е желба на сите. Свесни сме дека нашите навивачи ќе дојдат и ќе нè поддржат, тие нè инспирираат затоа што ни даваат неверојатна сила на секој натпревар. Засега, домашните натпревари ќе ги играме со затворени врати. Не сакаме да ризикуваме, сакаме да играме на сигурно. Тоа е она што го бара моменталната ситуација, но се надеваме дека наскоро сè ќе помине и ќе можеме повторно да бидеме заедно. Затоа што за нас е важно ракометното семејство кое го градевме заедно со текот на годините. Имаме неверојатна сила, тоа го докажавме неколку пати. Барам трпеливост, разбирање, бидејќи луѓето во многу делови на светот почувствуваа дека вирусот може да биде сериозен проблем. Можам да им посакам на сите пред почетокот на сезоната, да се грижат за себе и за семејството. Потребна ни е упорност и сила, затоа што секој сака да се врати во атмосферата што е единствена во Европа. Со надеж дека ќе се сретнеме што е можно побрзо“, стои во соопштението на претседателот Шуц.
Минатиот викенд започна првенството на Унгарија со натпреварот меѓу Веспрем и Будакалаш на кои имаше мал број гледачи, но на натпреварот од Лигата на Европа меѓу Ѓенгеш и Бутел Скопје салата беше исполнета скоро до последното место. Раководството на ПИК Сегед е многу внимателно и почетокот на сезоната ќе го игра без присуство на своите фанови.