СТРУГА 2020: Ракометарите на Бутел Скопје се испотија на патот до 5. место

Составот на Бутел Скопје дојде до победа од 25:23 во натпреварот за 5. позиција на Струшкиот турнир откако денеска го совлада Прилеп, но во средба во која прилепчани беа сосема добар ривал и на моменти рамноправен противник.

Од стартот на средбата се виде силен отпор од тимот кој се врати во Супер машката лига. Екипата на Прилеп беше рамноправен ривал, па дури од 12 до 17 минута со 4:0 покажа дека има што да демонстрира на теренот на овој дуел.

Тука Бутел Скопје ја загуби предноста од два гола и Прилеп беше составот кој кој во 17. минута имаше 8:6. Тука почна надигрувањето, а тимот од Скопје мораше да го засили темпото за да може на одмор да замине со предност. Нешто поквалитетната игра во одбрана донесе 15:13 на крајот од првите 30 минути.

Вториот дел мина во константно водство на составот на Бутел Скопје. Овој тим беше во предност од два до четири гола што го водеше кон победа на натпреварот. Сепак, ниту четири гола позитива не гарантираа мирна завршница бидејќи при 23:19 се дозволи Прилеп да намали на 23:21 во 53. минута.

Овие два гола беа зачувани до крајот на средбата за да може да се дојде до триумф за 5. место, но јасно е дека Прилеп ќе биде незгоден ривал за секого. Конечните 25:23 се доказ дека прилепчани и со млади сили засилени со неколку поискусни ракометари ќе бидат силен противник во првенството.