Само што почнаа ракометните екипи да тренираат и да се подготвуваат за новата сезона се појавија и првите заразени со Коронавирус. Откако новиот суперлигаш КЛ7 потврди дека двајца нивни ракометари по тестирањето покажале позитивни симптоми на коронавирус, уште еден суперлигаш има заразени. Вториот тим на Еурофарм Пелистер потврди дека и нивни двајца млади ракометари имаат симптоми на Ковид-19.
Двајцата млади ракометари од Битола се чувствувале добро, немале сериозни смптоми и веднаш се ставени во изолација. Покрај нив во самоизлоација се уште тројца играчи, како превентива бидејќи клубот следејќи ги протоколите тренирале во групи од петмина. Епидемиолозите препорачале карантин и затоа екипата го откажа заминувањето на висински подготовки во Маврово. Тој дел од подготовките ќе се одржи подоцна.
Битолската екипа се придржувала кон протоколите за тренирање и веднаш штом почнале со тренирање направени се и тестирања на сите играчи и членови на стручниот штаб. Еурофарм Пелистер направи тестирање за двете eкипи, а во првиот тим сите играчи и членови на стручниот штаб се негативни. Тие заминаа на подготовки во Маврово каде ќе останет две недели.
Двете екипи од Битола немале никакви контакти и тренирале одвоени. Вториот тим имал неколку тренинзи на отворено и во групи во теретана. Тие ќе продолжат да тренираат во Битола.