Кантегрел: Во Вардар се чувствува шампионска аура

Едно од новите засилувања на европскиот првак Вардар е францускиот голлман Робен Кантегрел.

Доаѓањето во Скопје е прв интернационален предизвик за него, откако досега играше само во Франција во тимовите на Сесон Рен, Понто Комбо и Нант.

Кантегрел има само пофални зборови за сите вработени во Вардар.

„Од моето доаѓање во Скопје имам само добри емоции. Полека го запознавам градот и луѓето, нема никакви проблеми. Во клубот работат само професионалци, како и што очекував. Сите од администрација и од менаџментот се многу фини и секогаш подготвени да ми помогнат со адаптацијата или доколку ми треба нешто“, вели Кантегрел за 24Ракомет.

Со Французинот во Вардар ќе играат ракометари што веќе освојуваа шампионски титули во ЛШ.

„Сите соиграчи се одлични момци и уште од стартот можев да го почувствувам тоа. Се чувствува сериозноста на секој тренинг и аурата што ја носат играчите од шампионската генерација. Треба да се прилагодиме брзо, не смее да се остави ништо на случајноста“, продолжува францускиот голман.

Тој вели дека не е овде за туризам, но дека пред стартот на подготовките имал време да го запознае Скопје.

„Не сум овде за туризам, иако ги посетив центарот на градот и стариот дел. Многу нешта се различни од Франција ако одиме во детали, но засега само јазикот ми е најтешко да го совладам, па користам англиски“, завршува Кантегрел.

Ако се суди според тоа што го објавува на социјалните мрежи и како учи, нема сомнеж дека Французинот за кратко време ќе започне да зборува и на македонски јазик.