Обид за поткуп на судии во Купот на ЕХФ!

Ракометниот Суд на Европската ракометна федерација донесе одлука за случајот од месец јануари поврзан со натпреварот меѓу чешкиот Бањик Мост и турскиот Кастамону, одигран во групната фаза од ЕХФ Купот.

Судиите, кои првично беа номинирани за делење правда на натпреварот, пријавиле дека им пристапил некој што барал да судат во корист на турскиот клуб. Тоа беше важен натпревар, кој одлучуваше која од двете екипи ќе патува во слендата фаза.

Судиите веднаш беа заменети од страна на ЕХФ и затоа се отвори судска постапка против член на раководството на Кастамону и Турската ракометна федерација за обид да се влијае врз арбитрите.

Претставникот на Кастамону, Ердал Чејхан е суспендиран да биде дел од какви било активности поврзани со меѓународни ракометни натпревари и да има каква било функција во меѓународна ракометна организација за период од две години, од денот на одлуката. Тој ќе плати казна од 2.000 евра.