РФМ има план – мажите стартуваат на 12 септември, дамите на 19 истиот месец

Новата сезона во македонскиот ракомет би требало да почне со првите кола во двете конкуренции во септември, секако доколку дозволи ситуацијата со коронавирусот.

Ракометната федерација на Македонија веќе ги собра пријавите од сите екипи што ќе учествуваат во новите шампионати и оваа седмица ќе биде закажан терминот за конференцијата на клубови и извлекувањето на редните броеви и групите.

РФМ има план машката Суперлига да започне во вториот викенд од септември, 12 односно 13, додека првото коло од Женската лига би се одиграло на 18 или 19 септември.

Во машката елитна конкуренција годинава ќе играат 16 клубови, од кои 14 во првата фаза, додека Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се приклучат напролет. Овие екипи ќе бидат поделени во две групи и ќе одиграат по 12 натпревари, дома и на гости, а тие ќе завршат до крајот на годинава, по што во втората полусезона ќе се игра плеј-оф со осум и плеј-аут со осум екипи.

Женската лига има една екипа повеќе во споредба со лани, вкупно 14, но системот на натпреварување ќе биде истиот. Ќе се игра двокружно, односно 26 кола, по 13 во секоја полусезона.