Легендарниот македонски голман е уверен: Еурофарм Пелистер може да се врати на старите патеки

Екипата на Еурофарм Пелистер во текот на паузата работеше максимално на засилување на своите редови, а покрај тоа што успеа да го засили играчкиот кадар истото го направи и во стручниот штаб ангажирајќи познати имиња.

Едно од нив е Стефче Стефановски поранешен голман на Пелистер, репрезентативец на Македонија, поранешен селектор, тренер и претседател на клубот. Сега доби одговорна задача за да ја предводи младинската школа и под негова контрола ќе треба да се појавуваат новите таленти.

Тој смета дека Еурофарм Пелистер во ваков распоред на силите има капацитет за да стигне до битка за титулата со Вардар.

„Јас со мојата работа во клубот се исклучувам од првата и втората екипа каде се Бабиќ и Јовиќ. Сепак, сакал-не сакал засегнат сум бидејќи сум дел во клубот и од бордот на директори. Сметам дека со квалитетна работа Еурофарм Пелистер во новата сезона ќе може да се носи со Вардар според она што го гледам во моментов кај вардарци. Тука, сепак, има многу работи. Зависи од многу нешта. Верувам дека Пелистер има квалитет да се бори за титула со оваа екипа и мислам дека од ова што го гледам и од поддршката, Еурофарм Пелистер може да се врати на старите патеки“, вели координаторот на младинската школа на Еурофарм Пелистер, Стефче Стефановски за 24 Ракомет.

Според него за ракометот во Македонија ќе биде добро да има што е можно повеќе квалитетни екипи. Се потсети на времето кога имаше неколку силни и квалитетни состави против кои секогаш беше тешко да се освојуваат бодови.

„Во времето кога јас настапував имаше многу квалитетни тимови покрај Пелистер. Тука беа Шевро Куманово, Младост, Борец, Јафа Преспа, Вардар, Повардарие… Беше навистина тешко да се добие на туѓ терен и кога ќе се освоеја бодови тоа беше револуција. Од таква лига може да се добие само на квалитет“, вели Стефановски за 24 Ракомет.

Тој веќе почна со својата работа во Еурофарм Пелистер, а во интервју за 24Ракомет објасни како ќе се одвиваат работите во иднина во младинската школа односно што може да се очекува од клубот.
Разговорот со Стефановски ќе биде објавен утре.