Некогашниот ас на Вардар и Металург се премисли – ќе игра уште една сезона

Поранешниот ракометар на Вардар и Металург, како и некогашен српски репрезентативец, Александар Стојановиќ, сепак ќе ја продолжи кариерата за уште една година.

Тој најави крај пред неколку седмици, но последниот негов клуб Железничар Ниш на социјалните мрежи објави дека постигнале договор на уште една година со десниот бек.

„Повеќе од 15 години минав во странство по заминувањето од Врбас. Се вратив во Србија минатата година и последната станица ми беше Ниш. Искрено, се заситив од играње ракомет“, кажа Стојановиќ за „Журнал“ пред неколку седмици, но очигледно се премислил.

Македонскиот зет, кој е оженет за екс членката на Кометал ЃП – Семра Радончиќ, покрај за Вардар и Металург, играше за Јагодина, Врбас, Целје, Копер, Анталија, Истр, а најголема трага остави во швајцарскиот Кадетен Шафхаузен.