Лазовиќ го напушта Будуќност, се враќа во Романија

Ракометарката која го носеше и дресот на Вардар, Барбара Лазовиќ го напушта тимот на Будуќност и во новата сезона ќе биде во составот на ЧСМ Букурешт. Практично таа се враќа во овој клуб откаде што дојде во Будуќност и ќе биде замена за Нора Мерк.

Лазовиќ важи за една од подобрите на позицијата десен бек во моментов во Европа и е ракометарка која веќе има одлично искуство од настапите во Лигата на шампионите.

Таа има 32 години, а во последната сезона на 12 средби постигна 48 гола во дресот на Будуќност. Досега го има носено дресот на Крим, Зајечар, Вардар, ЧСМ Букурешт и Будуќност. Враќањето назад во Романија е мало изненадување, а во Црна Гора се разочарани бидејќи во неа гледаа идна репрезентативка.

Со оглед на тоа што е мажена за Црногорецот, Вук Лазовиќ се очекуваше и да заигра за оваа земја, но правилникот на ЕХФ ја спречува и не би можела да настапи за Врна Гора пред јули 2022 година. Во тој период веќе ќе биде на 34 годишна возраст и тешко е да се очекува тогаш да биде засилување за Црна Гора.