Патуваше 24 часа за да стигне дома, а сега одмора на фарма

Пикерот на Веспрем, Швеѓанецот Андреас Нилсон пред неколку недели во изборот на навивачите беше избран за најдобар играч на неговата позиција во 43-годишната историја на клубот.

Времето додека трае прекинот на сезоната заради пандемијата го поминува во својата земја, но пред да пристигне дома имаше долго и напорно патешествие од Веспрем до северот на Шведска. Тој со својата девојка е кај нејзините родители на огромната фарма.

„Штом беше прекината сезоната веднаш се упативме кај родителите на мојата девојка бидејќи немаше летови. Возевме кон северот на Шведска околу 24 часа. Беше тоа напорно и долго патување, се надевам кога ќе се враќаме возот од Хамбург до Виена ќе функционира. Веќе 14 дена сме тука, родителите на мојата девојка имаат огромна фарма, околу 200 хектари и тука мојот син може да трча наоколу, а исто така има многу работи кои можат да се прават“, рече Нилсон за официјалниот сајт на Веспрем.

Андреас Нилсон веќе шест години настапува во дресот на Веспрем, откако претходно беше дел од германскиот Хамбург.