Федерацијата на Полска означи крај на првенството, а Келце беше прогласен за старо-нов шампион на земјата. Висла Плоцк е уште еднаш зад големиот ривал и заврши на втората позиција.
Раководството на Висла Плоцк најави дека ќе побараат од ЕХФ вајлд-карта за настап во Лигата на шаммпионите. Од наредната сезона најдоброто клупско натпреварување ќе има нов формат и ќе учествуваат помал број на екипи. Сепак, вице шампионот на Полска се надева на место во елитата.
„Раниот крај на сезоната донесе нови предизвици за нас и многу други клубови. Сега имаме многу непознати, не ги знаеме датумите кога ќе продолжат спортските натпревари, но очекуваме сезоната во Супер лигата да започне во септември. Исто така знаеме дека Лигата на шампионите ќе се одржи во нов формат, затоа ќе аплицираме за вајлд-карта за да учествуваме на турнирот“, изјави претседателот на Висла Плоцк, Роберт Чвартек.
Изминатава сезона Висла Плоцк настапуваше во Лигата на шампионите, во групите кои се сметаат за помалку квалитетни и успеаја да обезбедат пласман во нокаут фазата. На крај конечната одлука на ЕХФ беше да се откажат сите натпревари и беа одредени патниците на завршниот турнир.