Кои се најголемите сали во кои се играат натпревари од Лигата на шампионите (ФОТО)

Завршниот турнир од оваа сезона во Лигата на шамоионите ќе се одржи во Ланксес Арената во Келн на 28 и 29 декември. Оваа одлука беше донесена од страна на ЕХФ откако беше одлучено кои четири екипи ќе играат на истиот.

Вардар нема да може да ја барнаи титулата бидејќи на Ф4 во Келн на крајот од декември ќе играат екипите на Барселона, ПСЖ, Кил и Веспрем, кои ги освоија првите две места во двете групи.

Сепак, тоа не е причина за да не се направи еден поглед на салите во кои се играат натпреварите во Лигата на шампионите односно кои се салите кои имаат капацитет од над 4.700 места. Воедно ова се и сали кои го исполнуваат капацитетот и за следната сезона од Лигата на шампионите кога се менуваат правилата.

11.Веспрем Арена (Веспрем)

Салата во Веспрем е изградена за само една година и има капацитет од 4.700 гледачи. Во оваа Арена се одржуваат и натпревари во кошарка.

10.Златорог Арена (Целје)

Во оваа сала игра шампионот на Словенија, а истата може да прими 5.191 гледач. Истата e изградена во 2003 година.

9.Oрлен Арена (Висла Плоцк)

Салата на Висла Плоцк со својот импресивен закривен кров ги отвори вратите во 2010 година. Има капацитет од 5.467 гледачи.

8.Јане Сандански (Вардар)

Освојувачот на титулата во Лигата на шампионите од 2017 и 2019 година игра во Арената „Јане Сандански“ која беше од темел иградена повторно во 2013 година. За ракометни натпревари истата има капацитет од 5.700 гледачи.

7.Гигантиум (Алборг)

Капацитетот на оваа сала во Данска е 5.800 гледачи, во истата се организираат и натпревари во хокеј на мраз.

6.Фленз Арена (Флензбург)

Во оваа сала настапува тимот кој се натпреварува во Бундес лигата. Капацитетот на истата е 6.300 лица.

5.Палау Блауграна (Барселона)

Изградена е во 1971 година и првично нејзиниот капацитет беше 5.696 гледачи. Објектот беше реновиран во 1994 година и оттогаш има 7.585 места. Покрај ракомет во неа се одржуваат и натпревари во кошарка, хокеј и футсал.

4.Шпаркасе Арена (Кил)

Новиот шампион на Германија игра во една од најголемите сали во Германија. Капацитетот на истата е 10.250 гледачи.

3.Арена Суд де Франс (Монпелје)

Шампионот на Европа од 2018 година игра во сала чиј капацитет е 10.800 гледачи. Постои можност во истата капацитетот да биде зголемен за уште 400 седишта, а во неа се организираат и концерти и музички фестивали.

2.Арена Загреб (Загреб)

Најголемата сала во Хрватска во која во 2009 и 2018 година се играа финалните натпревари на Светското и Европското првенство има капацитет од 15.200 гледачи. Беше изградена во 2007 година за Мундијалот.

1.Ланксес Арена (Келн)

Салата во која се одржуваат завршните турнири во Лигата на шампионите има капацитет од 19.403 гледачи. Во неа се одигруваат натпревари и во хокеј, а се одржуваат и концерти.