Кометал ЃП обединува и во овие лоши времиња

Заедно и во добро и во лошо – тоа беше и остана вредна карактеристика на Кометал Ѓорче Петров, клубот што на Македонија и ја донесе првата европска титула во Лигата на шампионите.

Иако клубот формално згасна на 16 септември 2011 година, а од историскиот момент кога македонскиот шампион ја покори Европа поминаа цели 18 години, дружбата и комуникацијата меѓу славните кометалки трае и ден-денес. Кометалки преку заедничка група на интернет си даваат поддршка меѓу себе и како што вели, Индира Кастартовиќ, се обидуваат да внесат ведрина и во овие тешки денови кога светот се бори со пандемијата на Ковид-19.

„Имаме наша група, редовно се слушаме, комуницираме. Сега таа група работи со полна пареа, сите сме активни, Анжела, Мими, Лела, Гоца, Наталија, Андријана, Лариса…постојано се пуштаат некои совети и смешни клипчиња да внесеме малку ведрина во овие денови кога сите сме затворени по дома. Се обидуваме нешто да вежбаме (се смее…). Пред некој ден се слушнавме и со Бранка Јовановиќ (поранешна голманка на Кометал ЃП, сега тренер на голманките во репрезентацијата на Словенија н.з.), се шегувавме малку и убаво се изнасмеавме. Тоа се тие спортски пријателства што траат со години и со децении, и во добро и во лошо“, вели Индира Кастратовиќ.

На иницијатива на спонзорот Трифун Костовски, ракометарките од шампионскиот состав на Кометал ЃП – Индира Кастартовиќ, Гордана Нацева, Милева Велкова, Анжела Платон, Наталија Тодоровска, Мими Чупиќ, Лариса Кисељева, Андријана Будимир, Елена Златановска, Луминица Дину… во 2012 година се собраа да ја прослават десетгодишнината од освојувањето на европската шампионска титула. И оттогаш стана традиција секоја година на 19 мај кометалки да се собираат во Скопје.

Кометал Ѓорче Петров е првиот македонски клуб што освоил титула во Лигата на шампионите и се уште единствен македонски женски ракометен клуб со европска круна. Кометалки беа неприкосновени во втората половина на 90-те години и во првата декада од новиот милениум, период во кој 17 пати ја освоија шампионската титула во Македонија и 16 пати беа победнички во Купот на Македонија.

Во шампионската 2002 година Кометал ЃП триумфираше во ЛШ победувајќи го во финалето унгарскиот Ференцварош, а потоа го комплетира успехот со освојување и на европскиот Трофеј на шампиони. Кометал ЃП одигра уште две финалиња во ЛШ, во 2000 и во 2005 година, а четири пати беше четвртфиналист во ЛШ (1997, 1998, 2004, 2006).

„Кометал шампионе“ беше химната со која се славеа победите на првиот македонски клуб со европска титула. Еве уште едно потсетување на добро познатите стихови: