Коронавирусот со брзина на светлината се шири насекаде низ светот, а исклучок не е ниту Македонија, во која до денеска до 10:00 часот има 67 заболени.
Владата донесе одлука аеродромот во Скопје да биде затворен во средата, а еден од последните патници кои се врати во татковината е кружниот напаѓач на финскиот Паргас ИФ, Александар Тренчевски.
„Дома сум веќе, во карантин односно во самоизолација. Имав среќа што патувавме само тројца патници во авионот од Турку до Скопје, па ме пуштија во домашен карантин. Во градот Параинен каде што беа јас, односно во цела Финска скоро се функционираше нормално, освен што беа стопирани спортските натпревари и затворени само ноќните клубови, немаше други забрани за движење или рестрикции. Сезоната во Финска е стопирана, во клубот чекаат официјално соопштение од федерацијата како понатаму, но веројатно е дека сезоната е завршена, па јас ќе се вратам во Параинен дури во август“, изјави Тренчевски за 24Ракомет.
Поранешниот член на Прилеп, Вардар Јуниор, Струмица и Струга, со успех настапува во Финска заедно со уште еден македонски интернационалец, десното крило Илија Крстевски.