ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Шампиони, ви благодариме што игравте со срце

ПИШУВА А.К.Н.

Кога ќе си отидеш после победена утакмица, чувството е како милион долари. Кога Вардар ќе победи со 10 разлика, после цела лоша сезона, се чувствуваш како да си го освоил светот!

За разлика од многумина, ние одлучно решивме дека МОРА да отидеме во сала да ги поддржиме играчите кои решија да останат и да се борат до крај. Да, после неколку години топло-ладно, после толку лоши изданија оваа сезона, сигурно дека веќе и најупорните чувствуваа разочарување – но сепак, независно од политиката и ситуацијата во клубот, играчите кои се меѓу најдобрите во светот и кои решија да не се откажат, најмалку што смееме е да ги оставиме сами во борбата и мора да сме покрај нив да им дадеме поддршка!

Некои ги критикуваат играчите што се откажале, но пред да искоментирате, размислете колку треба за да настане еден врвен играч, како овие што ги имаме во Вардар. Колку часови поминати во сала се потребни за тоа, колку откажувања од секојдневниот живот и настани, колку повреди претрпени и прележани… И потоа, возраста до која може да се игра овој тежок спорт е најчесто до максимални 38-40 години.

Искрено, одејќи кон „Јане“ и ние не знаевме што да очекуваме. Мислевме до толку се откажани, што и оваа утакмица ќе ја изгубат и ќе си ги скратат „маките“ за осминафинале. Но, се случи нешто сосема спротивно на тоа!

Почнаа да играат како тим, како Вардар. Интересни комбинации и акции, каде што сите го даваа својот максимум. Столе, можеби не му е најпријатно кога тоа му го кажуваме, но е наша икона! Силна борба на 6 метри, а кога ќе фати топка одличен гол. Тимур, почна да лета како да се врати во времето и го извади целиот негов дијапазон на неверојатни шутеви. Горбок играше како да немал никакви повреди и паузи од повеќе месеци. Чупиќ, како на детско игралиште си играше на линијата од 7 метри… а од друга страна покриваше повремено и на позицијата од десен бек во недостиг на Криштопанс. Влезе во игра и Толедо и за првпат ја почувствува атмосферата во Скопје. Можеби нема да е за долго, но барем за кратко сфати што значи да си играч на Вардар и каков е односот со публиката. Скубе, развали! Не знам колку гола даде до крајот, 8-9… Си везеше на теренот. А Калараш, зарем има доволно зборови за тој човек. Каква ѕвезда е тој во Вардар… Колку се труди цела сезона да го врати духот на теренот… Најзабавно е кога трча прв во контра, па така во една ситуација Дибиров му подаде топка, за да му се исполни меракот и тој да го даде голот. Многу беше чуден моментот кога доби црвен картон. За тоа морав да погледнам снимка, бидејќи во моментот тој се најде во еден сендвич од двајца противнички играчи, а нешто пукна во салата. Се коментираше дури дека пукнала топката 🙂

Настана кошкање и Калараш заврши со директен црвен. Се пушти во објаснување со судиите, а ние коментиравме, седи мирен, да не добиеш картон како бојата на твојата коса. После видов дека одеше на лош фаул кон противничкиот играч, кој можеби немаше да се случи, ако другиот не го удреше назад – но што е, тоа е. Се надеваме дека ќе може да игра на следниот натпревар.

На крајот, иако со неполна сала, но со полна душа и на трибините и на теренот, си отидовме среќни дома. После долго време го почувствувавме „карактерот“ на Вардар и се надеваме дека ќе потрае. Упатуваме силен апел до сите надлежни да ги наградат играчите за својата верност и борбеност… Да најдат начин, да не дозволат да исчезне овој надреален тим!

А ние, МОРА да ја наполниме салата на следниот домашен натпревар против Монпелје, на 29.02. Наместо да ги критикуваме оние кои не издржале и си заминале, да си ја завршиме нашата задача на навивачи на нивото кое секогаш сме биле! Сепак, сè уште сме шампиони на Европа!