Ракометарот од Летонија, кој до средата беше дел од Вардар, а од вчера и официјално член на Фуксе Берлин до крајот на оваа сезона, Даинис Кристопанс и понатаму не може да го заборави времето поминато во Вардар.
Покрај тоа што упати пофални зборови преку социјалните мрежи, тој сега упати убави зборови за сето време поминато меѓу „црвено-црните“ на првата прес-конференција како играч на Фуксе Берлин.
„Прво би сакал да му се заблагодарам на Вардар за спектакуларното време кое го поминав во овој клуб. Да се заблагодарам за многуте титули кои ги освоив. Особено уникатно беше освојувањето на Лигата на шампионите. Горд сум што бев дел од шампионскиот тим, но горд сум и сега што можам да го облечам дресот на Фуксе Берлин, кој е еден од најдобрите клубови во Германија. Мислам дека тука ќе можам да продолжам да растам како играч и ќе дадам сè од себе за да биде така“, изјави Кристопанс на вчерашниот прес.
Тој уште пред една година потпиша за ПСЖ со кој има договор од јуни до летото во 2023 година. Оттаму јасно е дека во Фуксе Берлин ќе остане само до крајот на оваа сезона.