Вардарци со четири голови негатива на пауза против Кил

Ракометарите на европскиот шампион Вардар имаат негатива по првото полувреме на натпреварот со бундеслигашот Кил, прв во пролетниот дел од Лигата на шампионите. Домаќините водат со 18-14 по првиот дел.

На стартот беше 3-3, но потоа избраниците на Стевче Алушовски погрешија неколку пати во нападот и “зебрите” направија позитива од четири погодоци, 7-3.

Се трудеа вардарци да парираат на разиграните домаќини, но не успеваа, бидејќи како и во Скопје, Ландин беше расположен на голот, па Кил имаше и плус шест во продолжение од натпреварот, 15-9.

Сепак Чупиќ, Калараш и Стоилов намалија на пристојна негатива по 25 минути игра, 15-12, но Јиха веднаш реагираше со тајм-аут. До крајот на полувремето ништо особено не се промени, па Кил замина на пауза со предност од четири голови, 18-14.