Кугис и Кизиќ се вратија на терен, Гедбан се приклучува в четврток

Европскиот шампион Вардар на стартот на подготовките за пролетниот дел од сезоната се соочи со големи проблеми на голманската позиција.

Поради повреда подолго време по настапот на ЕП отсуствуваше Летонецот Артурс Кугис, а младиот Марко Кизиќ исто така паузираше цела седмица поради настинка, па тренерот Стевче Алушовски на средбата со Еурофарм Пелистер сметаше на младите чувари на мрежата – Васил Гогов и Јоаким Анѓеловски.

Кугис и Кизиќ се вратија на тренинзи, па веројатно ќе настапат на натпреварот со Металург, додека во четврток се очекува приклучувањето на тренинзите и на Калифа Гедбан.

Алжирецот настапуваше на Африканскиот Куп на нации и имаше одлични партии. Со неговата репрезентација го освои третото место и успеа да обезбеди и квалификации за Олимписките игри.

Натпреварот со Металург ќе биде последна проверка за Вардар пред натпреварот со Кил во Лигата на шампионите на 5 февруари.