Шпанија е пак на тронот, Хрватска е разочарано „сребрена“, Македонија остана во долниот јазол, таму на 15-то, ама битно, санитарниот јазол од Автокоманда од нигде-никаде, „заигра“ во финалето во Стокхолм
1.Македонски белег на големото финале
Спуштена е завесата и на ова 14-то по ред Европско ракометно првенство, досега најмасовно и за прв пат со три земји домаќини, во 17 дена распослано од Грац до Стокхолм. Со ново шпанско „оле!“ на крајот.
Шпанија е пак на тронот, Хрватска е разочарано „сребрена“, Македонија остана во долниот јазол, таму на 15-то. Ама сепак, нè имаше и во вчерашното стокхолмско финале авторитетно презентирани од нашата судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски. На висина на задачата, достојни и за честа и за името.
Не имаше и во микс-зоната по финалето. Додуша, не толку репрезентативно. Од нигде-никаде, до финалето на ЕП стигна санитарниот јазол од Автокоманда! Го „однесе“ Лино Червар, правејќи ретроспектива на својата богата кариера и помалку барајќи утеха за „среброто“ што не е „злато“, во неговите минати подвизи со оние од „третиот свет“ во ракометот. Па стигна „маго“ и до двете петти места во Европа со Металург, со „сиромашниот клуб од крајот на градот каде нема ни добар санитарен јазол…“
Тој најдобро знае, беше таму девет години, создаваше, брусеше, експериментираше… Во тие години не се жалеше толку на санитарните јазли од сиромашното предградие додека таму „течеа“ милиони, а тој во втората татковина уживаше слава и почести можеби и повеќе отколку во првата.
Поранешниот тренер на Металург сега како хрватски селектор, овде уживаше слава и почести и вчера, и два дена пред тоа, кога цела Македонија бодреше и навиваше за Хрватска. Кога веќе нашите не се таму, „наши“ станаа „коцкестите“, заради Карачиќ, Циндриќ, заради Лино…поблиски ни се од Шпанците и од Скандинавците. Дури и оние „најзлочестите“ со кои Лино често знаеше да се подкара, знаејќи колку е посветен на ракометот и колку ја посакува таа една титула што му недостасува, вчера од срце му посакуваа да ја круниса кариерата со толку посакуваното злато на градите. За се што направи за ракометот во изминативе децении и овде и таму.
Македонија го сака ракометот, не ги заборава добрите работи и убавите моменти. Ама не поминува лесно ни преку оние другите.
И колку и да е „невина“ и само декоративна оваа стокхолмска забелешка, „маго“ со санитарниот јазол, да ми извините, „пушти вода“, на се она добро што го даде и го доби во Металург и во Македонија.
Во најмала рака, непристојна и некоректна од таква величина беше и онаа пцовка за македонските судии на последниот тајм аут, затоа што Славе и Ѓоле им ја зеле топката додека Карa цупкаше „шест напред-три назад“. Не дека им зеле, туку зошто не им дале…така некако ќе излезе.
Велат, волкот го менува влакното, ама не и карактерот.
2.Нов тренд, стара школа
Далеку од тоа дека пцовката и санитарниот јазол од Автокоманда се најбитните и најсуштински работи од цело ЕП. Се погоди, да влезат во кадар на завршниот ден, затоа. Има многу ракометно побитни нешта што може да се издвојат од овие 17 дена ракомет од Грац до Стокхолм.
Шпанија ја одбрани титулата од пред две години и го задржа приматот во европскиот ракомет. Заслужено по сите параметри. Статистички без пораз со само едно реми на ова ЕП, со најмногу постигнати голови (278) и со импресивна 68 процентна реализација во нападот, најдобри пред сите други. Со капитен врсник на нашиот, со највозрасна репрезентација и со „стара школа“ на клупата.
Колку и да е атрактивен и во подем новиот тренд во модерниот ракомет во кој силата и брзината го имаат главниот збор, сепак, на крај во финалето играа две репрезентации кои знаат да ја „умртват“ играта, играат поспоро и главниот акцент го ставаат на одбраната.
И колку и да е во подем новата тренерска генерација, со Кристијан Берге кој е можеби најомилен тренерски лик, тактички подготвен до совршенство, или Љубомир Врањеш, единствен по она што го направи со Словенците за само 29 дена селекторување, сепак во големото финале покрај линијата шетаа и ги подигнуваа очилата, оние од постарата генерација, Лино Червар и Жорди Рибера.
Сандер Сагосен дефинитивно, е новата најсјајна ѕвезда на ракометното небо. Норвешкиот бек го урна рекордот на Лазаров и со 65 гола сега е најдобриот стрелец во историјата на европските првенства. Да беше Норвешка победник во она антологиско полуфинале со Хрватска, Сагосен сигурно ќе беше неприкосновен и за МВП наградата на ова првенство, но таа на крај заврши кај пожртвуваниот и исцрпен до последен атом, Домагој Дувњак.
Нашиот Филип Талески остана до Сагосен на насловницата на ова ЕП, со најсилниот шут на овој шампионат од 141 км/ч. Не е некоја голема утеха по елиминацијата на Македонија уште по првата фаза, но, ете оваа слика со Сагосен нека биде дополнителен мотив и стимул за Талески за некои наредни првенства. Можеби и потсетник дека тој може и многу повеќе.
3.Ние сме Македонија, само Македонија 0015!
ЕП 2020 донесе неколку екстра изненадувања, како и секогаш, едни позитивни, други негативни. Доаѓаат нови ѕвезди, а многу познати ликови, навикнати со децении да ги гледаме по терените, ги одиграа послените репрезентативни натпревари.
Данска и Франција неочекувано брзо се спакуваа и ни станаа „соседи“ под линијата. Кој би рекол…Тие 13-ти и 14-ти, ние 15-ти. Некој се пошегува – значи, да играа Данците и Французите финале, ние ќе бевме „бронзени“! Можеби и филм ќе снимавме. Како ни тргна со тоа шпиунажите на противниците, Џејмс Бонд не ни е рамен.
„Ние сме Македонија, само Македонија 0015“
Ај што Диме масерот ја „проби“ тактиката на Украинците дека ќе играат „7 на 6“ и му однесе драгоцена информација на нашиот селектор, туку шпиунската акцијата да ти продолжила и во другите мечеви. Чесите изгорени од претходно, добро не знаат, па изгледа навреме презеле контраразузнавачки активности, ама на Австријците им влеговме во тефтерот . Додуша, залудно, ама нека, да се знае.
Брестовац лично пред камери откри дека нашите дошле до белешките со тактиката на австрискиот селектор Алеш Пајовиќ. Да бидам искрена, не знам баш точно како течела шпиунската акција во Виена, ама можеби пак клучен бил некој санитарниот јазол, кој знае.
Еве едно од можните сценарија, што не значи дека не може да биде и „снимено“ по вистинит настан.
Пајовиќ завршил што завршил работа и ги фрлил белешките во корпа. Арно ама, нашата мрежа е раширена низ Европа. Се погодува соблекувалната после тренинг да ја средува некој наш гастарбајтер. Чисти нашиов по тоа корпите, и оп, ја наоѓа австриската стратегија за напад на Македонија.
Татковината е во прашање, ако нема намера да се враќа таму долу!
И вториот круг на ЕП!
Го фрла џогерот и во Бонд стил ги зема тајните белешките и итно ги доставува во нашиот штаб во Виена. Шифрираната тактика на гермско-словенечки веднаш е декодирана и во интерна преписка, а може и со гулаб, доставена до капитенот! Да биде на готовс и да не биде изненаден кога Австријците ќе го „киднапираат“ и ќе му стават „фластер“. Арно ама, „фластерот“ од капитенот никако да го одлепиме.
И пропадна цела шпиунска акција. Македонија загуби од Австрија и „цурик“ дома како 15-ти, со најслаб пласман досега на последните пет од вкупните шест европски првенства. Џабе Диме, џабе Бонд и цела шпиунажа! Целта за втор круг ја промашивме, ама го фативме негативниот континуитет – краток престој на две првенства по ред. Со многу зошто, како, што ако… И што понатаму?
Помалку филмови, повеќе стручност и работа. Ако може…
****
Возбудата од европското ракометно финале, вчера молскавично згасна по веста за трагичната смрт на кошаркарскиот великан Коби Брајант која го потресе целиот свет. Огромна загуба која уште еднаш на болен начин не потсети колку е спортот голем, а животот краток и непредвидлив.