Каков ќе биде сјајот на десеттиот медал на Маго ди Умаго?

Денеска од 16:30 часот се игра финалето на Европското првенство кое првпат се играше во три земји Австрија, Норвешка и Шведска. Селекциите на Шпанија и Хрватска ќе се соочат во финалниот натпревар, а ова воедно ќе биде десеттиот медал за Лино Червар на големите натпреварувања.

Сè почна пред 23 години. На Медитеранските игри тој ја водеше селекцијата на Италија до сребрениот медал, а потоа во 2003 година доби сериозна задача да ја врати репрезентацијата во врвот на европскиот и светскиот ракомет.

На Мундијалот во Португалија успеа да ги крене момците до златниот медал. Потоа следуваа многу успеси. Следната година дојде златниот медал на Олимписките игри во Атина, а во 2005 година освои сребро на Мундијалот во Тунис и на Медитеранските игри во Алмерија.

За следниот медал се чекаше до 2008 година кога на Европското првенстово во Норвешка беше освоено ново сребро. Во 2009 година на Мундијалот на домашен терен загуби од Франција и освои одново сребро. Новото сребро на ЕП дојде во Австрија во 2010 година, а потоа имаше пауза.

По враќањето на селекторската позиција тој освои златен медал и тоа во 2018 година на Медитеранските игри во Тарагона. Тогаш се врати на трофеите на кои денеска ќе додаде нов медал.

Од големите натпреварувања Червар има само златни и сребрени медали,  денеска ќе додаде нов. Веќе има три златни и шест сребрени, а која колекција ќе биде збогатена ќе се знае денеска после финалето. Единственото злато кое му недостига е она од Европските првенства.