Европското првенство досега понуди натпревари што се играа во Грац, Виена, Трондхајм, Малме и Гетеборг, а завршницата е резервирана за шведската метропола Стокхолм.
За медалите ќе се борат Норвешка, Шпанија, Хрватска и Словенија. Денеска се играат полуфиналните натпревари, утре мечот за петто и трето место, додека финалето е в недела.
Сите пет средби ќе се одиграат во „Теле 2 Арена“, која всушност е стадион што има подвижен покрив. Кога се играат фудбалските натпревари, нејзиниот капацитет е 35.000 места, а за музички концерти е 45.000 места.
Кога се адаптира за спортови во сала, капацитетот мора да се намали и тој е 22.500 места. Дали ќе биде срушен рекордот по број на гледачи на натпревар од големо натпреварување од ЕП во Белград меѓу Хрватска и Србија, останува да видиме викендов.
Првото полуфинале меѓу Хрватска и Норвешка се игра од 18:00 часот, додека Шпанија и Словенија ќе се сретнат во вториот термин од 20:30 часот. Финалето се игра в недела од 16:30 часот, а ќе го судат Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.