Играме ракомет одбрана-напад, но младите морат да покажат повеќе на следните натпревари. Со слаба ротација ќе биде тешко да се рекуперираат играчите кои го носат товарот. Ќе се носиме тешко со другите репрезентации. Сепак, ова не треба да го гледаме како лошо издание, туку како победа. Важно е дека денеска победивме.
Анализира за 24ракомет: Горан Андоновски
Секој почеток на големо натпреварување е тежок, а ние одигравме некако во грч. Според мене голема храброст на селекторот што се реши да го постави Никола Митревски на голот. Сепак, за нас постарите во ракометот Борко Ристовски и понатаму е прв голман на оваа репрезентација и очекувам и од него да одигра ваков натпревар. Се работи за одличен тандем на голмани кој треба да се задржи и во иднина.
Oтпатувавме на овој шампионат со мал број на одбранбени ракометари и тоа се виде денеска во вторите 30 минути. Во второто полувреме примивме многу повеќе голови бидејќи Стоилов се измори постојано играјќи на халф, но и постојано во напад. Не може да издржи на една вака тешка средба да игра 60 минути одбрана-напад.
Никола Маркоски играјќи на средина заедно со Филип Талески исто така доживеа драстичен пад, а ние немаме други решенија за таа позиција во играта. Нас ни е потребен специјалист за во одбрана за да можеме да играме добро во текот на сите 60 минути и да го држиме интензитетот.
Се виде дека недостига Велко Маркоски, но сметам дека имаше решение во Димитриевски, кој игра одлично во Шпанија, а не беше земен на првенството. Мислам дека мораше да има место и за Кукоски. Кога е веќе во составот Марко Мишевски мислам дека мораше да биде употребен во ротација за да може да одморат и Стоилов, и Маркоски, Талески, Кузмановски…
Во нападот се потпревме на индивидуалните квалитети на Лазаров, Стоилов и Манасков. Во добар дел им се приклучи и Талески што секако е добро за нашата репрезентација, а се виде дека Кузмановски ја има загубено самодовербата. Танкоски како решение за од клупа на оваа средба не се покажа како решение и тој и Кузмановски ќе мора да покажат многу повеќе на следните натпревари.
Кога ќе се земе подготвителниот период сите натпревари ние ги одигравме без Лазаров и тоа се виде на теренот особено во нападот. Головите кои тој ги постигна беа исклучиво на индивидуален квалитет и добрата координација со Стоилов. Не можеме на тој начин да добиваме натпревар. Заслужено дојдовме до оваа победа бидејќи бевме подобриот противник во поголемиот дел од мечот, а падот дојде главно поради премореноста на играчите во одбрана.
Во клучните моменти Пешевски имаше два несериозни шутеви и такво нешто никако не смее да ни се повторува. Секоја чест за Столе кој се бореше лавовски во сите 60 минути, како да го игра првиот натпревар за Македонија и како да се работи за борба за место во тимот. Истото важи и Лазаров и за Манасков. Добрата партија на Митревски не ме изненади воопшто бидејќи тој брани одлично во текот на целата сезона. Не сум доволно сигурен, но мислам дека видов дека при четвртиот пенал побара замена, но беше одбиен. Едноставно тој и Борко се тандем и мораат да се надополнуваат на теренот. Од Ристовски очекувам исто така многу на ова првенство и верувам во нашиот голмански тандем.
Она што е добро е дека на ова првенство не играме 7 на 6 како на минатото Светско првенство. Играме ракомет одбрана-напад, но младите морат да покажат повеќе на следните натпревари. Со слаба ротација ќе биде тешко да се рекуперираат играчите кои го носат товарот. Ќе се носиме тешко со другите репрезентации. Сепак, ова не треба да го гледаме како лошо издание, туку како победа. Важно е дека денеска победивме.
Ние сме мала земја и нашите деца Македонци се борат со срце за победа. Очекувам уште подобри натпревари против Чешка и Австрија. Ја гледав таа средба и немаше нешто да ме воодушеви. За нас ќе биде потешко на натпреварот против Чешка иако таа загуби од Австрија. Сепак, сега е важно да се одмориме и да се подготвиме за тој натпревар.
В недела одиме повторно на победа!