Македонските ракометари победнички стартуваа на ЕП 2020, совладувајќи ја Украина со 26-25, со погодокот на капитенот Кире Лазаров во последните секунди. Десното крило, Гоце Георгиевски како два клучни моменти за победата во анализата по мечот ги издвои извонредните одбрани на Никола Митревски и мирната рака на Лазаров во финишот.
„Беше тежок меч. Водевме во текот на целиот меч, го диктиравме резултатот, на крај тие не стигнаа. За среќа тука беше нашиот голман Никола Митревски, одбрани неколку зицери во серија и не врати во игра. На крај видовте и сами, една топка одлучуваше, нашиот капитен погоди и извојувавме тешка победа. Ни останува утре да ги анализираме грешките и да се подготвиме за следниот противник во недела“- изјави по натпреварот Гоце Георгиевски.
Вториот натпревар во групата Б во Виена, македонската репрезентација го игра во недела против Чешка.