Репрезентациите на Романија и Унгарија остварија слаби резултати на Светското првенство во Јапонија, а цената ја платија нивните предводници на селекторските позиции. Томас Риде и Ким Расмусен останаа без ангажман.
Томас Риде го имаше навлечено гневот на романската јавност откакот на првенството во Јапонија наместо на тренинг замина на прошетка со сопругата, а на состанокот во федерацијата на Романија беше изгласано да добие отказ од селекторската позиција. Тој деталниот извештај за неговата работа го завршил со зборовите „Ако мислите дека ќе биде подобро за репрезетацијата на Романија да заминам, тогаш јас сум подготвен да заминам“.
Седум членови од одборот биле за промена на Риде, наспроти четворицата против, по што била донесена конечната одлука од претседателот Александар Деду за отказ на селекторот. Новиот селектор на Романија се очекува да биде познат до 17 јануари.
Данецот, Ким Расумсен кој ја предводеше Унгарија поднесе оставка од селекторската позиција. Главна причина е слабиот резултат на Светското првенство во Кумамото каде што Унгарија го зазема четиринаесетото место. Кандидати за наследници на Расмусен се тренерите на двата најдобри женски клубови во Унгарија, Ѓер и Ференцварош. Дали Габор Дани или Габор Елек ќе го преземат националниот тим останува да видиме во наредниот период.